Градоначалникот Марко Колев денеска одржа состанок со претставници на СВР Велес и ЈЗУ Општа болница на кој се разговараше за големиот број на пријави од страна на граѓани каснати од улични кучиња. На средбата се донесе заклучок да се воспостави засилена комуникација и контрола врз секој поединечен случај со цел да се спречат можни злоупотреби.

Кога секој граѓанин, каснат од куче, ќе отиде во болница, случајот задолжително ќе биде пријавен во МВР – СВР Велес.  Службени лица ќе вршат информативен разговор со лицето каснато од куче, кое треба да го наведе местото на инцидентот  и да даде опис на кучето. По службена должност ќе се фотографираат и нанесените повреди од каснувањето.

Во иднина сите сомнителни случаи на каснување на куче Општина Велес ќе ги даде на понатамошно вештачење.

Ваквите мерки се должат на сè позачестените пријави на граѓани каснати од улични кучиња.