Вчера во Општина Велес, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе еднодневна едукативна обука за обновување и за стекнување на нови знаења од областа на безбедноста на храната во градинките, со цел заштита и унапредување на здравјето на децата во предучилишните установи во Вардарски плански регион.

Целта на едукацијата е да се превенираат инциденти поврзани со небезбедна храна во предучилишните установи, преку едукација на персоналот за опасностите во храната и правилната примена на HACCP принципите согласно Законот за безбедност на храна. Храната која се послужува во градинките и е наменета за исхрана на најмалите – децата, како најранлива и најчувствителна категорија на граѓани мора да обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на децата од физички, микробиолошки и хемиски опасности кои можат да се пренесат преку небезбедна храна. Таа треба да е подготвена според критериумите за безбедност и квалитет на храната, да ги следи нормите кои се однесуваат на принципите на добра хигиенска и добра производна пракса и тоа во целиот процес.

Исклучително важно е принципите на безбедност да се почитуваат во сите алки во синџирот на храната, почнувајќи од подготовката на тендерската спецификација за набавка на суровини и храна, располагањето со соодветен прибор, материјали кои доаѓаат во контакт со храната и опрема за нејзина подготовка и чување, набавка на средства за чистење и дезинфекција, прием, складирање, подготовка,  транспорт и послужување на храната.