Алармантна е Ковид состојбата во Велес и велешко, оцени денеска општинскиот штаб за заштита и спасување на триесет и четвртата седница. Градоначалникот Коцевски и штабот даваат целосна поддршка на мерките што ги донесе Владата по предлог на Комисијата за заразни болести. Препорачуваат граѓаните строго да ги почитуваат и кога ќе им дојде редот без двоумење да се вакцинираат, бидејќи само тоа е вистинска гаранција за нормализирање на состојбата и за заштита на личното и јавното здравје. Во Велешката болница секојдневно расте бројот на хоспитализирани лица, на инфективното, интерното оделение и во модуларната болница се лекуваат 90 пациенти од кои 47 се на кслородна поддршка. Тринаесет пациенти позитивни на Ковид се лекуваат на приватни и државни клиники во Скопје. Во болницата во Велес има уште 13 слободни места, недостасува и медицински персонал кој во голем број е отсутен и изнемоштен.
„Состојбата е алармантна бидејќи пациентите се со потешка клиничка слика и се поголем е бројот на млади пациенти. Затоа ги повикувам граѓаните максимално да ги почитуваат мерките донесени од Владата по барање на Комисијата за заразни болести“, рече Коцевски.
На денешната седница, штабот го задолжи ЈКП „Дервен“ во наредните две недели вработени во комуналното претпријатие да помагаат во истовар на кислородните боци додека редарската служба да воспостави построга контрола на пазарот.
Во Велес регистрирани се вкупно 4.728 заразени од нив 3.799 оздравеле, а се уште активни се 788 лица. Од почетокот на пандемијата до сега, во Велес починале 141 лице како последица од корона вирусот.