Општина Велес започна со акцијата за есенско садење на повеќегодишни висококвалитетни садници на повеќе локации во градот. На новоподигнатата зелена површина помеѓу улиците „Крсте Мисирков“ и „АСНОМ“ на местото на старите и деградирани дрвја се насадија нови, се засади трева а поставен е и систем за наводнување. Досега засадени се 100 нови дрвја во паркот пред Гимназијата „Кочо Рацин“ со цел да се надоместат дрвјата што паднаа во текот на големото невреме што се случи.

Од почетокот на годината досега засадени се 338 садници. Согласно временските услови, Општина Велес ќе продолжи со акцијата за садење  и зазеленување на јавни површини до крајот на годината, на различни локации во градот.

Во тек е и јавниот оглас за доделување на садници на правни и физички лица.

За две до три недели Општина Велес ќе ја организира традиционалната акција за пошумување на опожарениот дел на езеро Младост, во која можат да учествуваат сите заинтересирани граѓани и граѓански организации.

Ваквите акции се спроведуваат со цел да се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух, за почист и позелен Велес.