Амбасадорот на Европската Унија Н.Е. Михалис Рокас денеска во официјална посета на Општина Велес. За време на посетата евроамбасадорот оствари средба со градоначалникот на Општина Велес Марко Колев. На средбата се дискутираше за проектите финансирани од ЕУ, резултатите и придобивките на граѓаните и заедницата. Градоначалникот Колев се заблагодари за сите досегашни проекти на територијата на Општина Велес, финансирани од ЕУ, како и за оние кои во иднина ќе се реализитраат: Европската куќа, Хабот за млади, 200 метри од кејот на река Вардар, Централно градско подрачје и пречистителната станица за која веќе е издадено одобрение за градба.
„Секако разговаравме и за потребата за брзо решавање на регионалните депонии затоа што секој ден е важен и секој ден имаме се повеќе диви депонии. Секако дека еден таков систем на поддршка во решавање на овој проблем може да се случи на ниво на цела држава“, додаде градоначалникот Колев.
Евроамбасадорот Рокас ја потенцираше важноста на два приоритетни проекти, водоснабдувањето и третирањето на цврстиот отпад за кои финансиската поддршка би била од големо значење.
Амбасадорот на ЕУ оствари средба и со членовите на Советот на Општина Велес и ги слушна нивните предизвици и приоритети за развој на општината.
Подоцна амбасадорот посети проекти финансирани од ЕУ кои придонесуваат за подобро позиционирање на вардарскиот вински регион на туристичката мапа.
Посетата ќе ја заокружи со средба со млади во Европска куќа каде ќе разговара со членовите на Локалниот младински совет, претставници на Младински центар Велес и со Младите европски амбасадори од Велес.













