Градоначалникот Марко Колев денеска во просториите на Општина Велес се сретна со Претседателот на Кајак кану клуб „Арка“ од Велес, Љубомир Спсиќ заедно со дел од членовите на овој клуб.

Градоначалникот  Колев беше запознат со последните спортски успеси на европски план. Кајак кану клубот „Арка-Борец“ Велес во категорија кајак на диви води, сениорска конкуренција – дисциплина спуст ги освои првите три места во генерален пласман на Европа за 2021 година што е голем успех за велешкиот спорт.

Истовремено се разговараше за престојните планови за нови кајак патеки, како и реалните проблеми кои ги засегаат сите кајакарски и спортски клубови во Велес.

Градоначалникот Колев најави поддршка за сите спортски клубови во Велес, но исто така и воведување на јасни и прецизни критериуми за поддршка на спортски клубови, по основа на остварени резултати во своите спортови.