По две години пауза, од 03  до 17 август,ќе се одржи Меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“. Во рамки на фестивалот ќе се изведат седум театарски претстави и придружни културни настани. Годинава правото на реализација на фестивалот Општина Велес и го отстапи на НЦУК театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Фестивалот е финансиски поддржан од министерството за култура и Општина Велес.

„Општо е познато дека велешанки и велешани се најдобра театарска публика во нашата земја, воопшто не се сомневам дека и оваа година масовно ќе ги проследат претставите и дека ќе уживаат во актерските, режисерските, сценографските, костимографските и танчерските достигнувања на театрите кои ќе настапат, и тоа од Австрија, Босна и Херцеговина и од нашата земја“ , рече Градоначалникот Коцевски.

Фестивалот започнува се премиерната изведба на претставата  „Орестие“ копродукција на Националната опера и балет и театарот „Јордан хаџи Константинов Џинот. Содржината на фестивалот е збогатен и со пропратни културни настани како што се мултимедијална изложба, промоција на фестивалската публикација на античката драма и серијал на кино под отворено небо.

„Институционално за прв пат кај нас се поставува претставата „Орестие“, претстава изградена од четири претстави, три трагедии која ја сочинуваат трилогијата заедно со сатирската игра која е изгубена низ времето за потребите на оваа продукција, реконструирана, односно одново измислена врз основа на она што го имаме како некакви нацрти,  четворица режисери, двајца кореографи, ансамбл на велешкиот театар и дел од балетскиот ансамбл на Националната опера и балет“, рече директорот на велешки театар и претседател на Организациски одбор на фестивалот на античка драма, Сашо Димоски.

„Одлучивме да се втуриме во една нетипична авантура за нас бидејќи нас драмата не ни е основна форма преку која што ние се изразуваме. Но решивме да влеземе во една авантура, експеримент и заеднички да се оствари едно маркантно сценско уметничко дело“, рече програмската директорка на НОБ Евица, Тасевска Каранфиловска.

И годинава ќе следува награда за најдобра женска улога, за најдобра машка улога, за најдобра режија и Гран При наградата за најдобра претстава на осумнаесеттото издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“.