Фолклорните ансамбли, учесници на Интернационалниот фолклорен фестивал Велес 2023 во посета на Општина Велес. Градоначалникот Марко Колев се заблагодари за нивните одлични настапи на првата фестивалска вечер на сцената на Амфитеатарот во Младински парк.
„Искрено се заблагодарувам за вашите одлични настапи кои предизвикаа бура од емоции кај многубројната публика. Посакувам да имате убав престој во наредните денови од фестивалот и да понесете убави спомени од нашиот град. Културата е многу важна за развојот на градот и затоа треба постојано да ја негуваме“, рече Колев.
Претставниците на фолклорните ансамбли од Словачка, Босна и Херцеговина, Хрватска, Мексико и Северен Кипар изразија голема благодарност за поканата да учествуваат на 18 издание на фолклорниот фестивал и на топлото добредојде на велешани.
Интернационалниот фолклорен фестивал ќе трае до 8 јули, граѓаните ќе имаат можност да проследат автентични танци, инструменти и носии на ансамбли кои доаѓаат од различни краеви на Македонија и од други држави во Европа и светот.