Со положување на свежо цвеќе на споменикот на велешките Илинденци, во центарот на градот, Општина Велес ја одбележа 120 годишнината од загинување на Тодор Христов Офицерчето и 116 годишнината од загинувањето на Јован Наумов Алабакот. Делегација на Општина Велес им оддаде почит на војводите кои ги жртвуваа своите животи за слободна Македонија.
Тодор Христов Офицерчето е воен стратег на Илинденското востание, образуван и школуван во Софија. Како единствен школуван воен кадар, по негов нацрт е создадено Црешовото топче и тој прв пукал од него. Учесник е на битката кај Слива. Загинува на 4 октомври 1903 година.
Јован Наумов Алабакот е роден во село Ораовец. Тој со неговата чета 16 часа води борба да ја освои турската касарна во Крушево, во која има 60-тина аскери. Тој е учесник на легендарната борба кај Ножот во 1907 година. Загинува на 4 октомври 1907 година во кичевското село Белица. Неговиот гроб денес е во родното село, во дворот на црквата.