Горди на своето минато, велешани вчеравечер масовно ја пречекаа Илинденската коњаница во центарот на градот. На својот пат кон славното Крушево, учесниците на 46. Коњанички марш се поклонија пред споменикот на Велешките илинденци, а граѓаните им посакаа добредојде со оро, песна и во духот на традицијата, со леб и сол.

Пред споменикот на славните Велешки илинденци се поклонија и свежо цвеќе положија делегација на Општина Велес, претставници од Здружението „Илинденски марш 1978“, и други.

Рано утрово коњаницата го продолжи патот кон славното Крушево каде што на 2 Август, на Мечкин камен, ќе учествува на централната манифестација по повод 120 години од Илинденското востание.