Во чест на одбележувањето на празникот на Велес, 9 Ноември, вечерва, во Ликовен салон, со почеток во 19 часот ќе биде отворена јубилејната изложба „70 години од смртта на Димитар Андонов Папрадишки“.
Димитар Андонов Папрадишки е еден од најталентираните зографи на нашите простори кој своите сликарски потенцијали ги искористил во градење на својата специфична сликарска дејност. Во својот долг животен и творечки век, умрел на 95 години, изработил повеќе од 1200 икони за околу 100 цркви во Македонија и во Србија. Тој зазема значајно место во развојот на иконописот во Македонија. Во своето сликарско творештво го опфаќа периодот меѓу поствизантиското и современото македонско сликарство.