Општина Велес упатува јавен повик до сите заинтересирани физички и правни лица кои сакаат да ги презентираат своите производи, услуги или брендови преку поставување на рекламен и промотивен материјал во рамки на Гастрономско-туристичката манифестација „Фестивал на велешка пита и вино – Питијада 2026“, која ќе се одржи на 9, 10 и 11 октомври 2026 година.
За оваа намена предвидени се вкупно 10 локации, секоја со површина до 5 м².
За учество, заинтересираните треба да достават барање за одобрување локација во Граѓанскиот сервис центар на Општина Велес, најдоцна до 30 септември 2026 година.
Со барањето, правните лица треба да достават копија од тековна состојба, а физичките лица копија од лична карта.
Комисијата ќе одлучува за доделување на расположливите локации согласно видот и содржината на понудената презентација, водејќи сметка за концептот, карактерот и програмската разновидност на манифестацијата.
Согласно Одлуката на Советот на Општина Велес, донесена на 15. седница, одржана на 9 септември 2026 година, надоместокот за поставување рекламен и промотивен материјал изнесува 6.000,00 денари по локација, со површина до 5 м², за целото времетраење на манифестацијата.
Согласно истата Одлука, при поднесување на барањето се плаќа и административна такса во износ од 1.000,00 денари.
Поставувањето на рекламниот и промотивниот материјал ќе се врши исклучиво на определените локации и согласно условите утврдени од Општина Велес, со цел да се обезбеди уреден изглед и непречено одвивање на манифестацијата.
Бидете дел од празничната атмосфера на ПИТИЈАДА 2026!
Ве очекуваме!



