На денешната прес конференција Градоначалникот Коцевски изрази задоволство што најголемата статистичка операција, Пописот на населението, имотот и домаќинствата, успешно започна на територијата на Општина Велес. На првиот ден од пописот ниту еден од попишувачите не бил вратен од домовите на граќаните и  податоците биле успешно внесени во системот. Коцевски потенцираше дека во Велес се обезбедени доволен број попишувачи а има попишувачи и на резервна листа.

„Сигурен сум дека до крајоте на предвидениот период, на територија на Општина Велес и двете соседни општини успешно ќе биде завршена оваа голема статистичка операција. Упатувам апел до сите сограѓанки и сограѓани активно да се вклучат во попишувањето, да не ги прифаќаат повиците за бојкот на пописот, затоа што пописот не е политичка работа и не треба да се вмешуваат политички прсти. Пописот е статистичка операција која е многу важна за планирањето на идниот развој на општините, населените места, на целата држава затоа што од него ќе се добијат податоци од кои ќе се креира идниот развој. Се уште сме во таква фаза на развој во кој според Уставот, Законите и некои права на етничките заедници кои се поврзани со нивниот број, важно е и од етничка структура да се преброи колку жители има нашата држава бидејќи од тоа произлегуваат одредени права“,  додаде Коцевски.