Во свое лично име и во име на ЈКП „Дервен”, градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција, изрази длабоко извинување и жалење за нередовното собирање на отпадот и празнење на контејнерите за отпад на домакинствата и правните субјекти и за настанатиот пожар на депонијата за цврст комунален отпад, што доведува до загадување на животната средина со ПМ10 честички и до нарушување на квалитетот на воздухот.
Причина за несобирање на цврстиот комунален отпад овие денови беше пожарот кој настана во депонијата и околината на депонијата затоа што вработените од Работната Единица „Комунална хигиена” беа ангажирани во гаснењето на пожарот, рече Коцевски. Депонијата, која е нестандардна и без систем за одведување на депонискиот гас, последен пат е опожарена на 20 август 2018 година. ЈКП „Дервен” врши 24-часовен надзор на депонијата, дополни Коцевски.
Државниот инспекторат за животна средина, заради утврдени неправилности на ЈКП „Дервен” му изрече глоба од 3000 евра.
Истовремено, градоначалникот извести дека се поставени уште два нови подземни контејнери, во близина на СОУ „Гимназија Кочо Рацин”, а во тек се градежните работи за поставување на подземен контејнер и на улица „Гоце Делчев” во центарот на градот, со што вкупно се веќе поставени 11 подземни контејнери, кои се празнат секојдневно со специјално возило набавено од ЈКП Дервен.
Според информациите на ТППЕ, Велес за периодот од 1 август до 12 август 2021 година направени се 29 интервенции, од кои седум биле поголеми. Во моментов на териоторија на општините Велес, Чашка и Градско, активни пожари нема, истакна Коцевски.
Во с. Крушје и с. Џидимирци (на тромеѓето Скопје – Свети Николе – Велес) изгорена е површина на 3 до 4 ридови од нискостеблеста дабова шума, стрништа и тревната површина.
На 05. 08. во с. Дурутовец, површина од 20 хектари нистостеблеста дабова шума, висока трева и трња беше зафатена од пожар. Поради непристапноста на теренот пожарот се проширувал до селата Чалошево и Дурутовец. Со интервенција на пожарникарите спасени се неколку викендици. Пожарот е локализиран од сопственик на овоштарник и соседите, а изгаснат од страна на екипа на ТППЕ Велес во 22.30 часот. Поради силниот ветар на лице место дежураат двајца пожарникари поради опасност да не се разгори оганот. Во гасење на пожарот учествуваа околу 20 пожарникари со 5 возила.
Поради настанатите пожари во Кочани и Куманово, на 02.08. и на 05.08 2021 година, од страна на ТППЕ – Велес, испратена е помош од пожарникари и возила за гаснење пожари.
Вкупниот број на интервенции на ТППЕ – Велес, од 1 јануари до денес изнесува 205. ТППЕ – Велес, во моментов има вработено 30 пожарникари.