На денешната прес конференција, Градоначалникот Аце Коцевски, во духот како што рече на најдобрите европски практики и како што ѝ доликува на Општина Велес како една од најтранспарентните општини во државата, упати отворена покана до сите кандидати за градоначалник на Општина Велес на претстојните локални избори:

„Би сакал да упатам еден повик и би сакал мојот пример да го следат и останатите актуелни градоначалнички и градоначалници во нашата земја. Да упатам повик до сите кандидати и кандидатки за градоначалник, во конкретниов случај за градоначалник на Општина Велес, да дојдат во просториите на Општина Велес на разговор со мене и со стручните служби за да им ги ставиме на располагање сите информации за актуелните финансиски состојби и други информации кои ќе им бидат од корист во креирањето на нивните изборни програми и ветувања до граѓаните, со цел нивните иззборни програми да бидат што појасни, што поконкретни и да имаме вистински натпревар на идеи, на фер и демократска кампања, а не црна кампања. Јас сум подготвен да им ги дадам на располагање сите информации, нешто што не ми беше мене овозможено и не знаев како ќе ја затекнам општината пред 4 години“, рече Коцевски.

Коцевски ја информираше јавноста за тековните и клучните проекти  кои ќе треба да ги реализира неговиот наследник меѓу кои ЕУ  ИПА проектите за уредување и регулирање на сообраќајот во централното градско подрачје во вредност од 750.000 евра, проектот за изградба на колекторски систем со пречистителна станица за прифаќање на сите фекални и отпадни води во градот Велес, околните населени места и индустриските капацитети, со проектирана вредност од 24 милиони евра, проектот за изградба на кејот на Вардар од десна страна на градот и проектот за иновациски хаб  кој се на резервна листа на одобрени проекти како и многу други значајни проекти за Велес.

„Со сигурност можам да тврдам дека идниот градоначалник треба да биде релаксиран и спокоен, нема да наследи долгови, а ќе има можност да реализира проекти кои се веќе обезбедени“, додаде Коцевски.

Коцевски напомена дека сите успешни проекти и активнсти се реализирани со мал број на вработени во општината во споредба со многу други општини.

Воедно тој ја извести јавноста дека покрај незаконски направениот долг од 3 милиони евра што го наследи од неговиот претходник, во овој мандат се вратени и законски  долгови кон Светска банка за   изградба на водоводен систем кон езеро Младост  и реконструкција на мрежата за јавно  осветлување  во висина од 37.339.008 денари.

„Ова значи дека ние сме вратиле долг од 33.190.232 денари или 539.678 евра. На идниот градоначалник ќе му остане да плати уште една рата  од заемот од Светска банка  во висина 4.148.776 денари“, нагласи Коцевски.