Денес во просториите на Општина Велес се одржа дванаесеттата седница на Советот за развој на Вардарски плански регион на која присуствуваа градоначалниците на општините во Вардарскиот регион кои се основачи на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, претставници од Швајцарската амбасада, на Проектната канцеларија на Швајцарската агенција за развој и соработка, како и на Министерството за локална самоуправа.
На седницата присутните беа запознаени со новините во регулативата за зајакната социјална инклузивност, транспарентност и партиципативност, од страна на д-р Јован Манасијевски, консултант на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, кој ги објасни контекстот, идејата, резултатите и целта на проектот, поддржан од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Исто така без претставени и насоките и новитетите во однос на организирањето на граѓанските форумски сесии кои имаат за цел вклученост на граѓаните од заедницата во процесот на донесување на одлуки.
Воедно, членовите на Советот донесоа Одлука со која се утврдува приоритет за пријава на проектот „Згрижување на бездомните животни, кучиња скитници во Вардарски плански регион преку изработка на проектна документација за изградба на регионален центар – прифатилиште“ во Фондот за техничка документација во рамките на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ на УНДП и Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА). Апликацијата за истиот ќе ја изработи Центарот за развој на Вардарски плански регион и ќе ги преземе сите неопходни активности, во согласност со насоките, за добивање средства од Вториот повик за поднесување на предлог проекти за подготовка на техничка документација за инфраструктурни проекти преку Фондот за техничка документација.