Во рамките на проектот „Знаење, заштита и вреднување на старите урбани јадра“ денеска во куќата на Касапови се одржа ликовна работилница. Најмладите уметници од основните и средните училишта во градот твореа на тема „Бисери на велешката архитектура“. Старите велешки куќи, Саат кулата, значајните споменици беа само дел од инспирацијата на уметниците. Во автентичниот амбиент на куќата на Касапови нив ги посети и градоначалникот Марко Колев кој имаше можност лично да се увери во уметничкиот талент на учениците и професорите.
Творбите создадени на денешната работилница ќе бидат претставени во дигитална изложба што Општина Велес ќе ја објави на официјалната веб страница и социјалната мрежа. Во соработка со Народниот музеј Велес, творбите на учениците ќе бидат презентирани и на заедничка изложба во Ликовниот салон.
Општина Велес го спроведува овој проект во соработка со Француската асоцијација на извонредни места и градови, пет општини од Франција, уште четири општини од Македонија и две општини од Албанија.