Трибина на тема „Менталното здравје ги засега сите“, во организација на Советот за јавно здравје при Општина Велес, денеска се одржа во Големата сала на Општина Велес. На трибината присуствуваа ученици од основните и средните училишта во градот. За значењето на менталното здравје кај младата популација говореше претседателката на Советот за јавно здравје д-р. Родна Јорданова. Таа ја потенцираше важноста на менталната состојба кај луѓето особено кај најранливата категорија – децата кои секојдневно треба да се грижат за својата психо-физичка, емоционална и социјална состојба.

Како да се заштитат во време на големи предизвици и да го зачуваат своето ментално здравје презентираше д-р Лилија Чолакова Дервишова која ги поттикна учениците да разговараат за своите проблеми со семејството и стручните лица.

Менталното здравје е од големо значење затоа што може да помогне човекот да се развие во здрава, стабилна и продуктивна личност со стекнати здрави животни навики и морални вредности.

Трибината е дел од низата активности на Советот за јавно здравје.