Почна новата учебна 2021/2022 година. По пауза од една година, учениците ги наполнија училниците и училиштата. На првиот училишен ден, во општинското основно училиште „Панко Брашнаров“, учениците и вработените ги поздрави министерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалникот Аце Коцевски како и претставничката на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија. Патриција Ди Џовани. Им посакаа успешна школска година и да останат во добро здравје.

„Ја користам приликата во име на Советот на Општина Велес и од мое име на сите првачиња да им го честитам почетокот на учебната година и на сите други ученички и ученици, на вработените во сите училишта да имаат многу успех и да им порачам да ги почитуваат заштитните мерки за да бидат безбедни во текот на одржување на наставата. Инвестирањето во образование и во знаење е најисплатлива инвестиција, посебно ми е мило што денеска министерката е во ова училиште. Кога ме прашаа од министерството во кое училиште да се инвестира во опремување на кабинетот по природни науки без размислување реков тоа да биде училиштето „Панко Брашнаров“. Ова училиште настана минатата година со спојување на две основни училишта и тука учат деца од македонска етничка припадност но и голем број деца од ромска етничка заедница“, рече Коцевски.

„Прекрасна глетка имав да видам утрово и тоа е нешто што го чекав 18 месеци. Гледаме дечиња во училниците и тие изгледаат многу среќни, носат маски и се подготвени да учат. Гледаме дека училиштето е подготвено, ги имаат испочитувано сите процедури, сите протоколи од министерството за здравство и согласно меѓународните стандарди. Училиштето не е само обична зграда, тоа е место каде што се случуваат пријателства кои траат цел живот“, истакна Ди Џовани од УНИЦЕФ.

„Голема чест ми е денеска да бидам во Општина Велес заедно со градоначалникот кој навистина покажува дека грижата за образованието е негов вистински центар на внимание. Оваа година сите сме среќни и задоволни затоа што конечно добивме училишта и училници полни со ученици и наставници. Оваа година почнуваме со физичко присуство но како министерство и како Влада сме подготвени на уште две сценарија, префрлување на хибриден систем, како што беше минатата година, дел од учениците со физичко присуство, дел онлајн ја следеа наставата или целосен онлајн. Очекувам секој од нас кој што сме дел од овој систем да бидеме одговорни затоа што мала неодговорност може брзо да не насочи кон промена на сценариото“, истакна министерката Царовска.

Министерката и градоначалникот го посетија кабинетот по природни науки кој е целосно опремен со финансиска поддршка на министерството за образование.

„Сакам да изразам голема благодарност до министерството за образование и наука кое што ја препозна потребата од современи метод за изведување на наставата по природни науки и ни овозможи целосно реконструирање и опремување на кабинетот по хемија. Нашето училиште е целосно подготвено за настава со физичко присуство со сите потребни материјали и ресурси согласно протоколите“, истакна Валентина Стефанова, директорка на ООУ „Панко Брашнаров“.

Годинава, учениците од прво и четврто одделение ќе учат по новиот концепт на министерството, од новите дигитални учебници кои се дел од реформските процеси во образованието.
Наставата ќе се одвива согласно сите протоколи за заштита од Ковид 19.