Министерот за транспорт Александар Николоски заедно со градоначалникот Марко Колев денеска ја посетија новоизградената социјална зграда на улица „Раштански пат“ бр. 20, наменета за ранливи категории на граѓани. Новата социјална зграда со 29 станбени единици, државата ја чини 54 милиони денари, обезбедени од Светска банка и Совет на Европа. Огласот за распределба на становите тече и засега документи поднеле само дваесетина граѓани.
„Се надевам дека 29 граѓани на Велес ќе си ја најдат среќата во неа и ќе обезбедат кров над глава. Би сакал да ги мотивирам сите коишто исполнуваат услови да конкурираат и во една транспарентна постапка да ги поделиме становите,“ рече министерот Николоски.
Градоначалникот Марко Колев вети транспарентна постапка за распределба на социјалните станови.
„Општина Велес во ставањето во функција на зградата вложи сериозна сума на финансиски средства во обезбедувањето на вода. Колективниот објект за домување, вода доби со приклучок од улицата „Луј Пастер“, рече Колев.
Тој додаде дека асфалтирањето на улицата „Раштански пат“ ќе се одложи за следниот период кога ќе се создадат соодветни временски прилики за градежни активности.
Сите заинтересирани граѓани потребно е документите да ги поднесат во Центар за социјална работа Велес каде вработени ќе им ги даваат потребните информации и ќе им помогнат околу комплетирање на документите.
Градоначалникот Колев и министерот Николоски потоа извршија увид и на други градежни активности во градот.