Во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност 2022, денес во Младинскиот центар во Велес се одржа едукативна работилница на тема „Пешаци и велосипедисти во сообраќајот“ со цел запознавање на присутните ученици со правилата на однесувaње во сообраќајот. Предавачи на работилницата беа претставници од МВР-СВР Велес кои на интерактивен и неформален начин за темата разговараа со ученици од ООУ „Св. Кирил и Методиј”. Учесниците разменија мислења и споделија лични искуства поврзани со темата, но и придонесоа со конструктивни идеи и коментари во врска со подобрувањето на сообраќајните решенија во градот и околината.

Меѓудругото, тимот од Општина Велес обезбеди и достојни донации од општествено одговорни компании кои донираа велосипеди за деца, трицикли, топки за разни спортови, спортски реквизити, освежителни пијалоци и житарки, хигиенски средства и друго, наменети за сите клонови на ОЈУ Детска градинка „Димче Мирчев”, сите општински основни и средни училишта од градот. Донациите ги овозможија „Нестлè Адриатик д.о.о.е.л. Македонија”, „Еуро-Фарм”, „Стокомак”, „ Виталиа Никола ДОО”, „Витал БТ”, „Базаро”, „Интерспорт”, „Спорт М” и „Алкалоид АД“ Скопје. Додека пак помагатели и поддржувачи на активностите за одбележување на ЕНМ 2022 во Велес се и Делегацијата на Европска унија и Европска куќа Скопје, волонтерите на Младински центар, Велес, ЗГ „Велес бајкинг”, ИО „Димитар Влахов”, МВР-СВР Велес, како и Отворен регионален фонд за енергетика, транспорт и климатска заштита (ORF-ETC), Германско друштво за меѓународна соработка (GIZ).

Детални информации за секој настан можат да се најдат на официјалната веб страница на Општина Велес.