Како продолжение од минатиот месец кога се одржа првиот дел од овој настан за млади, Општина Велес во соработка со Europe house и Младински центар Велес, денес го одржа вториот дел, односно симулација на седница на Советот на Општина Велес.
Членовите на Локалниот младински совет, во улогите на претседател на Советот на Општина Велес, градоначалник и општинска администрација, одржаа симулација на седница на Советот на Општина Велес, на која дваесет и тројца претставници на општинските средни училишта, во улога на советници, поставуваа советнички прашања и дебатираа по предлог-одлуките од Дневниот ред.
Младите велешани имаа можност да се информираат, да дознаат на кој начин се водат седниците на Советот на Општина Велес и да ја дознаат улогата на сите чинители во тој процес, преку директна вклученост и можност за интерактивна и отворена расправа по точките од Дневниот ред.
На настанот присуствуваа ученици, претставници на сите средни училишта од градот и нивни одговорни професори, претставници на Локалниот младински совет на Општина Велес, Младински центар Велес, како и на Europe house Велес.
Текот на самата расправа по точките од Дневниот ред го проследија и претседателот на Советот на Општина Велес и претставници на советничките групи во рамки на Советот на Општина Велес.


















