Општина Велес, во соработка со Europe house и Младински центар Велес, организираа настан за млади, поделен во два дела, а со цел вклучување на младите во процесот на донесување одлуки преку одржување на симулација на седница на Советот на Општина Велес.

Денешниот, прв дел од настанот, беше од информативен карактер, на кој младите од Велес имаа можност да се информираат, да дознаат на кој начин се водат седниците на Советот на Општина Велес и да ја дознаат улогата на сите чинители во тој процес.

Присутните се запознаа со улогата на претставниците на општинската администрација кои ги водат седниците на Советот на Општина Велес, претседателот на Советот на Општина Велес, градоначалникот, советниците, како и со целиот процес на подготовка, организирање и водење на седници на Советот на Општина Велес.

На настанот присуствуваа ученици, претставници на сите средни училишта од градот и нивни одговорни професори, претставници на Локалниот младински совет, Младински центар Велес, како и на Europe house Велес.

Вториот дел од настанот, со симулација на седница на Советот на Општина Велес, ќе се одржи во месец март 2026 година.