Непознати сторители, со пила исекле 14 садници во одлична вегетациска состојба на улица „АСНОМ“. Немилиот настан се случил на 29 и 30 март, кога сторителите делото го сториле со намера и при тоа направиле огромна штета, информираше градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција.

„Сторителот кога го вршел дејствието немал во предвид дека ова е дел на градот каде има производни дејности, улицата е намената и за тешки товарни возила, на улицата без дозвола се паркирани автобуси на приватни компании. Сите заедно имаат големо влијание врз квалитетот на амбиентниот воздух и овие садници имаа потенцијал да бидат мал, но корисен природен филтер во непосредната околина. Се надевам дека надлежните органи ќе го откријат сторителот и соодветно ќе го казнат“, рече Коцевски.

Во однос на амбиенталниот воздух и животната средина градоначалникот Коцевски информираше дека мониторинг станицата Велес 2 која е дел од Државниот мониторинг систем од 01 март до денес  не е во функција. Исклучена била заради проблеми со климатизерот кој ја регулира потребната температура во просторијата каде е сместена опремата за вршење на мониторинг. Од стручните служби во Министерството за животна средина и просторно планирање Општина Велес е известена дека поправката ќе биде извршена во текот на денешниот ден.

Исто така Градоначалникот Коцевски информираше дека во пролетниот период во Општина Велес се засадени 260 високи повеќегодишни листопадни дрвја на следните локации: Еко камп на езерото Младост, Градскиот парк, Паркот Гимназија, Пaркот пред општинската зграда. Заради временските услови засадувањето ќе  продолжи во есенскиот период.