Донација што се состои од сет ситем за спасување од големи сообраќајни несреќи и еден сет за спасување од поплави, доби денеска Територијалната противпожарна единица Велес. Опремата во вредност од околу 50 илјади евра ја донираше Дирекцијата за заштита и спасување. Градоначалникот Марко Колев изрази голема благодарност за донацијата но и за досегашната и идна соработка со Дирекцијата.
„Оваа донација е од огромно значење за противпожарната единица во Велес, но и за сите граѓани на Општина Велес и регионот, со цел обезбедување на нивна заштита и безбедност кога е најпотребно“, истакна Колев.
„Верувам дека територијалната противпожарна единица Велес ќе знае најдобро да ги искористи во вежбовни активности со што ќе ја докажеме нашата спремност и како Дирекција за заштита и спасување и како територијална единица заедно со општината да се справиме со каква било несреќа“, рече Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Оваа донација многу значи но се надевам дека ќе ја користиме само за вежби, да видат граѓаните дека постоиме, дека ја имаме таа опрема, превенцијата и едукацијата е помала штета отколку да дејствуваме на терен“, истакна Љупчо Лепидовски, командир на ТППЕ Велес.
Градоначалникот Колев најави реконструкција на противпожарната станица како и обезбедување на нови две возила.