Од вторник, 1 јули, Велес е домаќин на јубилејното дваесетто издание на Интернационалниот фолклорен фестивал Велес 2025. И годинава фестивалот изобилува со бројни музички настапи на домашни и странски културно уметнички друштва и ансамбли. Тие ќе се претстават со својот автентичен фолклор, традиционални танци и ора, а вистинско доживување ќе бидат шарените носии на играорците. На сцената на Амфитеатар во Младински парк ќе настапат осум странски ансамбли и тоа од Чиле, Турција, Србија, Мексико, Литванија, Чешка, Германија и Австралија. Со свои кореографии ќе настапат и играорците од ФА „Вила Зора“, КУД „Тодор Јанев“, „Распеани пензионери – Македонија, ОТИ „Стефан Гајдов“, ЕФЗ „Седум осмини“ – Македонија, „Распеани велешани“, ФА „Филиграни“ – Македонија, Ансамбл „Керамичар“, КУД „Коле Неделковски.

На денешната прес конференција градоначалникот Марко Колев се заблагодари на организаторите и посака фестивалот да живее уште многу години.

„Ги повикувам сите граѓани на Велес но и пошироко да дојдат и да ги проследат  фестивалските денови, заедно да уживаме во прекрасните традиционални танци и песни на гостите од странство но и на домашните фолклорни друштва“, рече Колев.

Публиката ќе има можност да проследи и целовечерен концерт на Националниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“ – Македонија.

Фестивалот годинава е финансиски поддржан од буџетот на Општина Велес со еден милион денари и 400 илјади денари од Министерството за култура. Од Организацискиот одбор на ИФФ Велес 2025 упатија благодарност до сите поддржувачи на фестивалот и истакнаа дека тој е најголемиот промотор на македонската култура и традиција.

Годинешното издание на ИФФ започнува во вторник, 01 јули, со дефиле на учесниците и најмладите од детската градинка низ улиците на Велес. Свеченото отворање е во 20.30 часот во Амфитеатарот во Младински парк, каде ќе се одржат сите фестивалски вечери.

Во случај на лоши временски услови, фестивалските вечери ќе се одржат во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“.


Програма