На 17 март секоја година се одбележува Светскиот ден на крводарителството. Денес, ден порано во организација на Црвениот Крст – Велес се одржа настан за истакнување на значајноста на овој ден.
Од име на Општина Велес пред присутните се обрати заменик – градоначалникот Коста Нојков кој истакна дека велешани се познати по својата хуманост, поради што крводарителските акции се секогаш со голема посетеност, за што зборуваат и одличните бројки на дарувани единици крв.
„Но, пред нас има уште пат. На нас останува да ја подигнеме свеста за дополнителен развој на крводарителството преку индивидуални и организирани дарувања. Општина Велес во соработка со општинската организација на Црвениот Крст остануваат посветени на оваа цел како досега, така и во иднина.“, рече Нојков.
На настанот беа доделени и признанија за најхуманите дарители кои во текот на 2021 година одбележале 50, 75 или 100 дарувања на крв.
Дарувањето крв е една од најплеменитите човечки особини. Она што за нас значи малку, за некого значи живот. Дарувај крв, спаси живот!