Со положување на свежо цвеќе пред спомен бистите на Коста Солев Рацин во градот и Спомен костурницата, Општина Велес го одбележа раѓањето на најголемиот поет и револуционер.
На 114 годишнината од раѓањето на Кочо Рацин, пред спомен бистата во дворот на Гимназијата што го носи неговото име, свежо цвеќе положија делегации од општинската администрација од Советот на Општина Велес како и претставници на средното училиште, чиј патрон се одбележува токму на денешен ден.
Почит на безвремениот Рацин делегациите му оддадоа и пред спомен бистата во центарот на Велес како и во Спомен костурницата каде се наоѓаат неговите посмртните останки.
Коста Апостолов Солев Рацин е роден во Велес, 22 декември 1908 година, а својот живот го завршил на 13 јуни 1943 во Лопушник. Познат е по својата поезија и е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата стихозбирка „Бели мугри“ која е издадена во Загреб 1939 година, претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија.