Стотици дечиња од градинката „Димче Мирчев“ и од основните училишта во градот со своите омилени маски, инспирирани од ликовите на цртаните филмови, продефилираа низ градските улици, означувајќи го највеселиот и најшегобијниот ден во годината 1 Април, Денот на шегата. Централната манифестација се одржа во Амфитеатарот во Младински парк каде учесниците на Априлијадата се забавуваа со кловнови, музика и игра.
На Априлијадата доминираа разнобојни, креативни и инспиративни маски, а најдобрите и најкреативните беа наградени со пофалници и благодарници од страна на Општина Велес, во чија организација се одржа најмасовниот детски настан.