Во организација на Младинскиот центар Велес (МЦВ) и на Локалниот младински совет на Општина Велес (ЛМС Велес), а со поддршка на Општина Велес беа организирани два настани за млади со цел одбележување на меѓународниот Ден на младите, 12 август.
На 11 август 2023 година, во просториите на Младински центар Велес се одржа панел дискусија на тема „Значењето и можностите за поголемо вклучување на младите во локалната заедница”, во која младите имаа можност да се запознаат, да се вклучат и заедно да дискутираат за правата, можностите и предизвиците со кои се соочуваат младите во локалната заедница. Истовремено, денот беше искористен за одбележување на една година од официјалното отворање на МЦВ и споделување на постигнатите резултати и сите активности кои во минатата година беа реализирани во рамки на делувањето на МЦВ.
Додека пак на 12 август 2023 година, во организација на ЛМС Велес, во просториите на Европска куќа Велес, беше реализирана работилница со млади, претставници на ЛМС Велес и на МЦВ. На интерактивната работилница беа споделени информации во врска со постоењето и работењето како на ЛМС, така и на МЦВ, а во слободна дискусија со присутните се разговараше и за потребите и предизвиците со кои се соочуваат младите во општината.