Денеска се навршуваат 118 години од раѓањето на велешкиот композитор, диригент и педагог Стефан Гајдов, а воедно се одбележуваат и 77 години од постоењето на општинското основно музичко училиште што го носи неговото име. Патрониот празник училиштето го одбележа со концерт во театарот Ј.Х.К.Џинот на кој настапија ученици од сите класи, училишниот хор и оркестар а задоволната публика со овации го поздрави настапот на сите учесници.

Музичкото училиште е првото музичко училиште во Република Македонија. Во долгогодишната работа на наставниот кадар се постигнати многубројни високи резултати, а годинава беа забележени голем број настапи на меѓународни и државни натпревари од каде учениците се вратија со освоени високи награди, промоции на книги и изложби во соработка со локалната самоуправа, библиотеката и музејот на град Велес.

Исто така училиштето е носител и координатор  на проект од ЕРАЗМУС+ со наслов “Музика во инклузија” во соработка со партнер училишта од Италија – “Гаспаре Спонтини” од Асколи Пичено и Франција – институт ” “Топофон” од Тулуз.