Денеска се одбележуваат 142 години од смртта на учителот, преродбеникот, просветителот Јордан Хаџи Константинов Џинот. По тој повод, делегација на Општина Велес, предводена од градоначалникот Марко Колев, му оддаде почит и положи свежо цвеќе на неговиот гроб во дворот на црквата „Св. Спас“.

Во чест на ликот и делото на овој голем деец, вечерва во неговата родна куќа, со почеток во 20 часот, ќе се одржи свечена програма.

Јордан Хаџи Константинов Џинот е еден од најистакнатите борци за опстанок и развој на македонскиот народен јазик. Во текот на својот живот, и покрај  прогонствата и препреките, тој успеал да развие широка дејност во наставата на народен јазик. Покрај просветата, Џинот остави траен белег во развојот на македонскиот театар како прв македонски драматург и автор на првите театарски пиеси на народен јазик.

Џинот го напишал првиот буквар „Таблица перваја“, пишувал статии за весници во Белград и Цариград, собирал народни умотворби и создавал песни и драми за потребите на неговото училиште.