Во пресрет на денот кога се одбележуваат 74 години од смртта на народниот учител и учесник во двата Илиндена, Панко Брашнаров, делегации на Општина Велес и општинскиот совет, членови на неговото семејство, членови на Општинската организација на Сојузот на борците, изразија почит и признание, положувајќи свежо цвеќе пред неговиот споменик – сведоштво за една борба, идеал и истрајност за вечната кауза, слободна Македонија.

Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Учесник е во најзначајните историски моменти во борбата на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските војни, Првата светска војна, па сè до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото, Брашнаров е приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток, Република Хрватска, каде починува на 13 јули 1951 година.

Неговиот аманет да го крепи нашиот дух, нескршливиот и непокорливиот дух на македонскиот народ:

„Да е жива нашата мила македонска земја!“