Со делење на заштитни маски на кои е испечатено лого „Стоп за родово базирано насилство“, Организацијата на жени до Велес, во театарската зграда, симболично ја одбележа кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените„.Носител на кампањата е Организацијата на жени во соработка со Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените. Кампањата во континуитет ја поддржува и Општина Велес, овој пат со финансиска поддршка од 60 илјади денари од буџетот за набавка и печатење на заштитните маски.
Градоначалникот Аце Коцевски им подели заштитни маски на полициските службеници од СВР Велес, лицата кои се во директен контакт со жртвите на семејно насилство. Заштитни маски им беа доделени и на социјални работници од Центарот за социјални работи, како и на вработените во општинската администрација. Преку маските, кои изминативе месеци се задолжителна превентива од пандемијата, се испраќа порака за родово базираното насилство врз жените и девојчињата и за јакнење на јавната свест.
„Не само овие 16 дена, ова го правиме 365 дена во годината. Имаме сервис за бесплатна правна помош. Одлучивме маски да поделиме на полициските службеници бидејќи тие се први во контакт со жртвите на семејно насилство. Само со заедничка соработка, институционална и невладина, можеме да им помогнеме на жените и девојчињата кои се најчести жртви на каква било форма на семејно насилство, рече Мира Трајкова, претседател на Организација на жени.
Присутни на настанот беа и претседателот на Советот на Ошпштина Велес, Кирил Гајдов, претседателката на Комисијата за еднакви можности Пандорка Лазаровска Прличкова и координаторката за еднакви можности на Општина Велес Билјана Велјанова.
Заштитни маски ќе бидат поделени и во средните училишта во градот.
„16 дена активизам против насилство врз жените“ е глобална кампања која порв пат е организирана во 1991 година од Институтот за женско глобално лидерство. Кампањата започна на 25 ноември, на Меѓународниот ден за борба против насилство врз жената, а ќе заврши на 10 декември, кога се одбележува Меѓународниот ден на човекови права.