Со положување цвеќе пред споменикот на Панко Брашнаров, Општина Велес денеска ја одбележа 72-годишнината од смртта на овој голем револуционер, народен учител и учесник во двата Илиндена.
Пред неговиот споменик, во знак на почит и благодарност, во име на жителите на Општина Велес, букети цвеќе положија градоначалникот Марко Колев, делегации и претставници на Советот на Општина Велес, општинската админстрација, претставници на семејството на Брашнаров, како и граѓани и локални институции.
Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Учесник е во најзначајните историски моменти во борбата на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските војни, Првата светска војна, па сè до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ. По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото, Брашнаров е приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток, Република Хрватска, каде починува на 13 јули 1951 година.