По повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, Општина Велес беше домаќин на инспиративен ораторски натпревар „Збор со корен, глас со сила. Од длабочината до височина – ние сме гласот на она што тие го напишаа“.
Настанот, посветен на значењето и наследството на светите браќа, собра млади талентирани ученици од велешките средни училишта.
Жири комисијата составена од Коста Нојков, Костадинка Атанасова и Кристина Зафирова имаше тешка задача да ги оцени вештините на учесниците. Нивната задача беше да ги одберат најдобрите оратори кои со својот говор највпечатливо ја пренесоа пораката за важноста на писменоста и културното наследство.
Првата награда ја понесе Лана Басаров, ученичка во прва година во СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ во Велес, под менторство на професорката Цветанка Карамаркова. Лана ги импресионираше присутните и жирито со својата елоквенција и длабочина на израз.
Второто место го освои Мерве Исмаилова, ученичка во прва година во ССОУ „Јовче Тесличков“, под менторство на професорката Милка Петровски додека третото место му припадна на Димитар Кузманов, ученик во прва година од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ под менторство на професорката Цветанка Карамаркова.
Општина Велес им честита на сите учесници за нивниот труд и посветеност, а особено на наградените ученици за нивните одлични ораторски способности.
Овој натпревар уште еднаш ја потврди важноста од негувањето на мајчиниот јазик и културното наследство меѓу младите генерации.



















