Општина Велес е добитник на националната награда „Младински пријателски град” за 2026 година.

Наградата беше доделена во рамки на четвртиот Национален Форум за младинска работа, кој се одржа од 10 до 12 ноември 2026 година во Младинскиот Центар Охрид, насловен „Признавање и квалитет на младинската работа – Од законска обврска до локална реалност!”.

Клучни критериуми при одлучувањето беа напредокот и степенот на имплементирање на законските одредби произлезени од Законот за младинско учество и младински политики во секоја од единиците на локалната самоуправа.

Врз основа на анализата, на Форумот свечено беа доделени осум награди (по една општина од секој плански регион), со цел да се признаат, препознаат и вреднуваат најдобрите практики, а со тоа и да се мотивираат останатите единици на локалната самоуправа да ги исполнат законските обврски.

Во име на Општина Велес, наградата ја прими Даниел Јаневски, Претседател на Советот на Општина Велес, а беше врачена од страна на претставник од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Форумот и целиот процес за избор и доделување на наградите беше организиран и реализиран од страна на Коалиција на младински организации СЕГА и Младински Центар Охрид во партнерство со Министерството за социјална политика, демографија и млади, Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA), Регионалната канцеларија за млади (RYCO) и Организацијата за безбедност и соработка на Европа (OSCE), со заедничка цел за унапредување на квалитетот, препознавањето и одржливоста на младинската работа во Република Северна Македонија.

Општина Велес останува посветена на заложбите за создавање подобар живот за младите, а со тоа го докажува и  епитетот на општина – првенец во државата за спроведување младински политики на локално ниво, согласно националните и меѓународни страндарди.