На денешната свеченост по повод Нова Година, Општина Велес ги награди највредните и најуспешните работници за 2023 година. Градоначалникот Колев им посака добро здравје и нови успеси во новата 2024 година. Воедно им ја честита Новата година на сите граѓани на Општина Велес.

„Во 2024 година ќе продолжиме со исто темпо на работа и развој и очекувам со сите локални и државни институции да продолжи соработката во интерес на граѓаните. Ви посакувам добро здравје, среќа и многу успеси во Новата година“, истакна Колев.

Најуспешните работници и годинава се изддвоија со својата професионалност, одговорност и трудољубивост. Наградата за најдобар комунален работник во Велес за 2023 година му припадна на Ермин Јаворовац, вработен во јавното комунално претпријатие Дервен. Јаворовец се истакнува со својата професионалност, посветеност и волја да се справи со секоја доверена задача, секогаш во интерес на граѓаните.

Годинава за најдобар пожарникар е прогласен Митко Стоиловски, пожарникар спасител во Територијалната противпожарна единица Велес. Над три децении професионално и посветено учествува во сите активности и акции што се организираат за безбедност на граѓаните.

Во категоријата најуспешни, Општина Велес го награди и полицискиот службеник Зоран Блажевски. Вработен е во БПС Велес од 2016 година. Блажевски денес е самостоен полицаец за криминалистичко технички работи и е еден од најпрофесионалните и најодговорните во извршување на задачите во службата.

За хуманист на годината Општина Велес го прогласи Тоше Петрушев кој цели 44 години непрекинато и несебично дарува крв. Годинава по 117-ти пат се впиша во книгата на крводарители.

На денешната свеченост, Општина Велес им ги додели стишпендиите на најталентираните ученици и студенти за учебната 2023/2024 година. Стипендии добија 27 средношколци и 9 студенти.  И годинава донатори на стипендии се Агриа, агроиндустриска групација Велес и Жито Маркети Велес. Стипендии за талентирани средношколци обезбеди и  Општина Велес.

2023- тата е успешна приказна на Средното општинско училиште „Гимназија Кочо Рацин“.  Општина Велес му додели благодарница за постигнатите резултати  на државно и меѓународно ниво.

Благодарница доби и тимот од секторот „Паркови и зеленило на ЈКП Дервен“ за визуелното разубавување и збогатување на градот.

Општина Велес ги додели и јубилејните награди за 10 и 15 години континуирано работење во локалната самоуправа.

Свеченоста ја збогати настапот на нашите музички амбасадори, Детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ под диригентската палка на Веселинка Маџарова.