Во пресрет на најголемиот национален празник Илинден – Денот на Републиката, Општина Велес одбележува 122 години од славното Илинденско востание и 81 година од Првото Заседание на АСНОМ. По тој повод делегации на Општина Велес, политички партии и јавни институции им оддадоа почит на загинатите борци за слободна Македонија од Илинденскиот период и од Втората светска војна. Положувајќи свежо цвеќе се поклонија пред спомен бистата во Спомен костурницата, пред споменикот на Велешките Илинденци и пред споменикот на учителот Панко Брашнаров.

2 Август, симболот на македонската борба за слобода, со себе ги носи спомените на двата илиндена, Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година, историски датуми за македонскиот народ на кои се поставени темелите на денешна Македонија.