Од 16 до 22 септември 2020 година, Општина Велес ја одбележува Европската недела на мобилност преку реализација на повеќе настани и активности кои ги подготви тим од општината.

Овогодинешната тема на Европската недела на мобилност е „Подвижност со нулта емисија за сите”. Темата се однесува на амбициозните цели на јаглерод-неутрален европски континент до 2050 година. Воедно, темата ја потенцира важноста на пристапноста до транспортот со нулта емисија и промовира инклузивна рамка која ги вклучува сите граѓани.

Како дел од овие настани, Општина Велес денес започнува постапка за јавна набавка за изработка и маркација на off road велосипедска патека во должина од 2 км на потегот од филтерната станица на ЈКП „Дервен” во населба Тунел до врвот Вршник, со можност за изградба на три краци, коишто ќе ја поврзат велосипедската патека со три делови од градот и тоа на локација во близина на Болницата, Камено брдо и Којник.

Исто така, ова ќе овозможи и поврзување на оваа нова велосипедска патека со веќе постоечката планинарска патека, која беше маркирана минатата година за време на одбележувањето на Европската недела на мобилност 2019.

Маркирањето ќе го реализираат членовите на ЗГ „Велес Бајкинг” од Велес.