Поради големиот интерес што жителите на Велес го пројавија изминатата година, за субвенционирање на сончеви термални колектори, инвертори и велосипеди, Општина Велес и годинава од  буџетот ќе субвенционира мерки за енергетска ефикасност и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух.

Во програмата за Локален економски развој предвидено е да се субвенционираат физички лица кои ќе набават инвертори, во износ од 500.000 денари. Во програмата за заштита на животната средина за субвенционирање се планирани средства  во износ од 1.000.000 денари.

Градоначалникот Коцевски  ќе му предложи на Советот на некоја од наредните седници овие средства да се распределат во некој сразмерен сооднос, или подеднакво, 500.000 денари за субвенционирање на физички лица за купување на велосипед и 500.000 денари за купување на сончеви термални колектори.

„Велешани покажуваат голема еколошка свест со тоа што лани на јавните повици за субвенционирање на купен сончев термален колектор и за купен велосипед се пријавија голем број на заинтересирани граѓанки и граѓани. А ние како Општина сме на добар пат во стратешките определби за развој на Велес како град со чиста животна средина и со одржлива урбана мобилност“, рече Коцевски.

Минатата година, на јавниот повик за субвенционирање на велосипеди аплицирале 174 граѓани. Општина Велес субвенционираше 167 граѓани и тоа 50 % од вредноста на велосипедот, и им исплати по 3.000 денари. На јавниот повик за субвенционирање на сончеви термални колектори,барање поднеле 64 граѓани, а на 49 граѓани Општина Велес им исплати по 15.000 денари. Субвенции за инвертори, лани добија 26 граѓани на Велес, додека барање поднеле четириесетина граѓани.

Јавните повици за субвенционирање на мерките за енергетска ефикасност Општина Велес дополнително ќе ги објави на официјалната веб страница на општината и на електронските медиуми.