На денешната Новогодишна свеченост, Општина Велес ги награди најуспешните работници за 2024 година. Од името на градоначалникот Марко Колев, заменик градоначалникот Коста Нојков им посака добро здравје и нови успеси во новата 2025 година. Воедно им ја честита Новата година на сите граѓани на Општина Велес.
„Од името на градоначалникот Марко Колев, од името на советниците на Советот на Општина Велес и од мое лично име, Ви посакувам добро здравје, успех на личен и професионален план и многу радосни моменти во Новата 2025 година. Посакувам да бидете истрајни во остварувањето на своите животни цели, успешно да ги преминувате сите препреки во животот и да градите мост на взаемна почит и разбирање“, истакна Нојков.
Најуспешен полицаец за 2024 година во Општина Велес е Трајче Деловски. Во МВР е вработен од 2017 година како дежурен полицаец, но извршувал и работни задачи во одделот за недозволена трговија со дрога и оружје. Наградата ја добива за својот врвен професионализам и одговорност во извршување на задачите во службата.
За најуспешен пожарникар годинава е прогласен Борче Пачуков, вработен во Територијалната противпожарна единица Велес. Се истакнува со професионално и посветено учество во сите активности и акции за безбедност на граѓаните.
За најуспешен комунален работник за 2024 година Општина Велес го награди Пане Костовски, вработен во ЈКП „Дервен“ како ракувач на земјоделски машини. Костовски се одликува со висок степен на одговорност во извршување на работните задачи, скромност и позитивен однос со колегите.
За хуманист на годината Општина Велес го прогласи Никола Цековски кој цели 42 години непрекинато и несебично дарува крв. Годинава по 129-ти пат се впиша во книгата на крводарители.
На денешната Новогодишна свеченост, Општина Велес им ги додели стипендиите на најталентираните ученици и студенти за учебната 2024/2025 година. Стипендии добија 31 средношколци и 5 студенти. И годинава донатори на стипендии се Агриа, агроиндустриска групација Велес, Жито Маркети Велес и Општина Велес.
Општина Велес ги додели и јубилејните награди за 10 и 25 години континуирано работење на административните работници во локалната самоуправа.
Свеченоста ја збогати мини концертот на Детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ под диригентската палка на Веселинка Маџарова.