Рачно изработени украси и предмети од вештите раце на креативните ракотворци и прекрасни декорации од свежо цвеќе се веќе изложени на тезгите во Младински парк и на платото пред Основен суд. Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, граѓаните можат да купат подарок за своите мајки, баби, сопруги.
Осмомартовскиот базар што го организира Општина Велес под мотото 8 Март – потсетник како жените го променија светот започна на 6 и ќе трае до 8 март.
Хуманитарен базар денеска и утре организираат и основните и средните училишта во градот.
Во рамки на одбележувањето на празникот на жената утре на 8 март во Големата сала на Општина Велес со почеток во 12:00 часот ќе се одржи средношколска дебата на тема „Борба, не кафана“ како и едночинка со наслов „Од љубов не се бега“.