Велешката публика вечерва имаше можност да ужива во извонредниот поетско-музички перформанс на групата „ВИС Тркалезна маса”, „Песни и звуци од чудната шума”.

Настанот кој се одржа во Ликовниот салон во Велес е дел од програмата на Велешкото културно лето 2020 „ВелеСOOLтУра – Латитуда 41’ / Лонгитуда 21’”.

Проектот „Песни и звуци од чудната шума” е поттикнат од новиот бран на актуелната продукција на поезија за деца. Преку музички пејзажи и читање на песни за деца, публиката беше пренесена во амбиентот на шумата.

„ВИС Тркалезна маса” обединува писатели, музичари и уметници со различни уметнички искуства, сплотени околу творењето и импровизирањето музика, настаната во спонтан дијалог со книжевноста и со омажи на значајни уметници и писатели (Дејвид Боуви, француски надреалисти, Блаже Конески, Лилјана Дирјан).

Пред велешани вечерва настапија Ана Голејшка Џикова – вокал, Ѓоко Здравески – вокал, Владимир Лукаш – гитара, мелодика, Васко Марковски – мандолина, мандола, Деан Шкартов – хармоника, сајзер, Душан Кировски – гитара, Перо Сарџоски – кавал, џембе, Владимир Мартиновски – тамбури, удиралки, Ѓорѓе Јовановиќ – усна харфа, ефекти, Круме Стефановски – кахон и Тома Димовски на деф.

Поради актуелната ситуација со Ковид-19 сите настани и активности се реализираат согласно објавените протоколи за почитување на препорачаните мерки за заштита и превенција од ширење на коронавирусот.

Програмата на Велешко културно лето 2020 можете да ја погледнете на следниов линк.