Наградата „Рациново признание“ годинава и припадна на македонската писателка и критичарка Оливера Ќорвезироска. Во конкуренција од 22 пријавени книги за доделување на престижната награда, тричлената жири комисија, во состав проф. д-р Илија Велес, проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошковаи м-р Игор Крајчев, одлучи Рациновото признание да го добие за книгата „Три Марии“. Книгата е ново прозно дело кое ќе обезбеди место меѓу читателската и критичката јавност, особено поради жанровската поставеност која текстолошки и структурно премостува три засебни повести за три Марии, поврзани во краток роман.
Организацискиот одбор на културната манифестација „Рацинови средби“ во чиј состав се градоначалникот Марко Колев како претседател на одборот и членовите д-р Кристина Николовска, д-р Весна Мојсова Чипишевска, Менка Андреева и Снежана Бошевска одлучи годинава Почесното Рациново признание да и се додели на проф. д-р Намита Субиото од Република Словенија за афирмација и популаризација на македонската литература и култура надвор од границите на Македонија.
Намита Субиото е вонреден професор по македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Словенија, каде што од 2004 година ја води Катедрата за македонски јазик и книжевност на Одделот за славистика. Таа е и книжевна преведувачка на јужнословенски јазици. Од македонски јазик на словенечки превела и напишала поговори за 17 книги од следниве автори: Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Драги Михајловски, Венко Андоновски и други.
Наградите ќе им бидат врачени на свеченото отворање и на свеченото затворање на 62. Рацинови средби.





