Во работна посета на Општина Велес денеска присуствуваше координаторката на Обединетите Нации во Македонија, Рита Колумбиа, која разговараше со младите волонтери од Младинскиот центар и претставниците на Локалниот младински совет за нивната улога во општеството и нивните проблеми и потреби со кои секојдневно се соочуваат. Таа ги охрабри да работат на промени во заедницата бидејќи токму младите се тие кои треба да ја развиваат и унапредуваат државата.
На денешната средба беше претставена идејата за развивање на стандардизирани програми за вклучување на младите во волонтерските активности преку воспоставување соработка помеѓу општините и младинските организации од една страна и училиштата и факултетите од друга страна. Целта е да се имплементира платформа во училиштата, преку која ќе бидат достапни волонтерските услуги до сите оние кои сакаат промени во општеството. Во рамки на програмата младите ќе имаат можност да посетуваат обуки од разни области но исто така и да учествуваат во волонтерски акции со млади од збратимените градови на општината.
Пред младите беше претставена и Коалицијата на универзитети насочена кон развој на одржливите вредности чиј фокус е ставен на волонтерството, граѓанскиот ангажман, климатските промени, социјалната инклузија и партнерствата меѓу образовните институции и локалните заедници,
Општина Велес останува посветен партнер во креирање можности за младите, поддржувајќи иницијативи кои ја поттикнуваат нивната активност, солидарност и учество во процесите на локалниот развој.