Општина Велес продолжува со реализација на проекти од безбедноста во сообраќајот. Преку годишната Програма за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес за 2019 година, деновиве беа поставени 36 безбедносни столпчиња (еластични столпчиња) пред пешачките премини на повеќе локации во градот.

Ова дополнително вертикално одбележување на безбедносните триаголници од хоризонтралната патна сигнализација, преку поставување на столпчињата, овозможува дополнително означување на просторот пред пешачките премини.

Овој проект придонесува кон дополнителна и поголема безбедност на градските улици, со тоа што го оневозможува непрописното паркирање на возилата во безбедносната зона на пешачките премини и ја зголемува видливоста на пешаците и прегледноста на возачите.

Проектот придонесува и за подигнување на нивото на безбедност на пешаците како активни учесници во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и несакани последици.

Локации на кои е поставена сообраќајна опрема (еластични столпчиња):

  1. на крстосница формирана од улиците „Благој Ѓорев” со „Наум Наумовски Борче” и „Оливер Китановски” (позната како Панини);
  2. на пешачкиот премин на улица „Благој Ѓорев” (пред влезот на „Гимназија Кочо Рацин”);
  3. на пешачкиот премин на улица „Благој Ѓорев” (спроти зградата на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот”);
  4. на пешачкиот премин на улица „Благој Ѓорев” (спроти „Бако”).

До крајот на оваа седмица, Општина Велес ќе ги заврши активностите за поставување на овој тип на сообраќајна опрема со што ќе постави уште 60 безбедности столпчиња на следниве локации:

  1. на пешачкиот премин на улица „8 Септември” (пред ЛУ Народен Музеј – Велес);
  2. на пешачкиот премин на улица „8 Септември” (спроти Основен суд, Велес);
  3. на пешачкиот премин како и на шрафурата на улица „8 Септември” (во центарот на градот, пред влез во куржен ток);
  4. на пешачкиот премин на улица „8 Септември” (спроти „Жито Маркет”, во близина на Саат кулата);
  5. на пешачките премини на улица „Благој Ѓорев” (во близина на трговскиот центар „Босс”).

Поставувањето на сообраќајната опрема ја извршува ДПСИ „Кединг” ДООЕЛ Скопје како носител на набавката за Одржување на вертикална сообраќајна сигнализација и сообраќајна опрема во Општина Велес.
За реализација на овие активности, од општинскиот буџет, Општина Велес издвои финансиски средства во висина од 125.277,00 денари со вклучен ДДВ.