Во Големата сала на Општина Велес денеска се одржа презентација на резултатите добиени од истражувањето спроведено меѓу учениците на возраст од 11, 13 и 15 години. Истражувањето е дел од Студијата за однесувањето поврзано со здравјето кај децата од училишна возраст и се спроведува секоја четврта година во 51 земја од Европа, Северна Америка, Канада и Русија.
Истражувањето е спроведено со стандарден прашалник и од добиените податоци се направени компаративни анализи како и национални студии за однесувањето, факторите на ризик, трендовите и контекстите поврзани со здравјето на младите. Во истражувањето беа опфатени неколку основни и средни училишта од Општина Велес.
Истражувањето во Македонија е спроведено на 5.132 ученици и ги следи однесувањата и животниот стил на децата и младите во различни и променливи животни услови, споредувајќи ги со децата од другите региони во светот. Студијата ја истражува улогата на семејството, врсниците и заедницата во градењето на здрави животни стилови, поттикнувајќи го интердисциплинарниот приод кон здравјето како целина од поврзани фактори на влијанија.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека менталното здравје е алармантно кај учениците во средно образование. Тоа значи вклучување на сите фактори во елиминирање на проблемот, особено присутноста на родителите во нивниот живот.
Тимот истражувачи им додели благодарници на проект кординаторите во училиштата за успешна реализација на истражувањето.