На денешната прес конференција во Општина Велес, од страна на проектниот координатор Денис Жерновски беше презентиран проектот Креативни можности во туризмот – CouNT, финансиран од Европската унија и од националните фондови на земјите учеснички преку Интерег ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Македонија.
Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев изрази големо задоволство од продолжување на реализацијата на проектот и рече дека со изградбата на кејот граѓаните ќе добијат уште едно катче за рекреација и нова креативна можност за развој на туризмот.
Во рамки на проектот ќе се изгради кеј на реката Вардар од десната страна во должина од 200 метри, на потегот од мост Гемиџии до Мало мовче. Проектот опфаќа поставување на 2 киосци за продажба на сувенири и други производи од традиционалните велешки занаети, а ќе се организира и дводневен тренинг за 22 учесници на тема туризам и занаетчиство.
Проектот се реализира од страна на Општина Велес и Развојна агенција Флорина. Вкупната сума на проектот изнесува 655.732 евра од кои 438.452 евра за Општина Велес и 217.280 евра за Развојна агенција Флорина.