На денешната прес конференција Градоначалникот Коцевски информираше дека проектната апликација  наречена „Паметни решенија-продолжуваме“ е одобрена во втората фаза на евалуација.

Најдоцна до 12 јули годинава тимови на Општина Велес треба да ја достават финалната техничка документација за проектот кој опфаќа инфраструктурни зафати за реконструкција на улицата 8 Септември, изградба на атмосферска канализација,  изградба на два кружни текови, велосипедска патека, обезбедување на нови паметни автобуски постојки, електрично возило и електрични рикши за туристи и посетители, паметни услуги за јавен превоз со интегрирана платформа, паметни електрични велосипеди и систем за нивно споделување, паметно осветлување во центарот на градот и паметни клупи и друга опрема и  софтвер.

Вкупната вредност на проектот со кој Општина Велес конкурираше во Европската Унија  е 751 504,32 евра. Според пропозициите ЕУ доделува грант во висина од  85%  или 638.778,67 евра ги обезбедува Европската унија, а 15%  на почетокот ги обезбедува општината односно 112.725,65 евра кои на крајот на општината ќе и бидат вратени од страна на Министерството за локална самоуправа.

„Искрено се надевам дека ќе успееме да ја поминеме и финалната фаза на одобрување на проектот и дека во согласност со нашата Стратегија за паметен град  и Планот за одржлива урбана мобилност Велес ќе направи пионерски чекори во развојот на паметните градови не само помеѓу македонските општини, туку и пошироко во регионот.Искрено се надевам дека сите граѓани и граѓанки на Велес ќе го поддржат овој значаен проект“, истакна Коцевски на денешната прес конференција.